Новиот хардкорд бенд „Peach Vice“ ќе настапи на овогодишниот „Д Фестивал“, соопштија вчера организаторите.
„Иако ново, ова име е веќе запишано зад албумот ‘Ekipizza’ кој меѓу познавачите на тврдиот звук одекна со восхит како за дожд по суша, а во најава е втор албум и веќе ја освојуваат сцената со пеколна атмосфера на нивните настапи. Ова лето ‘Mosquito’ бината е резервирана токму за таков ‘Peach Vice’ на Д Фестивал 2023“, објави „Д Фестивал“ вчера на Фејсбук.
Пред неколку дена пак, организаторите најавија дека на фестивалот ќе настапи и грчкиот рок-бенд „1000mods“.
„Од пионери на хеви стонер-рок револуцијата во Грција, вртоглаво се вивнаа на врвот како еден од најрелевантните претставници на овој жанр од стариот континент и бенд кој засекогаш ја промени европската рок сцена. Верни на винтиџ опремата и масивниот аналоген звук, со неверојатна жестина и страст на секој настап: ‘1000mods’ – синоним за легендарен концерт на ‘Д Фестивал’“, велат организаторите.
Инаку, тие посочуваат дека промо-акцијата за билети е во тек и дека можат да се купат преку нивната веб-страница.
Досега за на овогодишното издание на фестивалот, меѓудругите, најавени се и бендот „Смат“, псај-техно диџејката Индира Паганото, раперката Мими Мерцедез, пејачката Алина Паш и инди-рок бендот „КОИКОИ“.
„Д Фестивал“ ќе се одржи од 30 јуни до 2 јули во Дојран.