„Женска гардероба“ е новата претстава на режисерката Наташа Поплавска што премиерно ќе биде изведена утре (26 октомври) во 20:00 часот во Театар Комедија.
„Станува збор за пиеса работена по текст на Арношт Голдфлам која ни ги раскажува приказните на четири актерки на различна возраст, кои сакаат различни нешта, но она што ги спојува и ги врзува е нивната заедничка гардероба зад сцената, и театарот воопшто, со сета негова магија и страст“, се вели во описот за претставата.
Во претставата играат Жаклина Стевковска, Жаклина Петровска Милјановска, Ева Скендеровска, Тања Мицков и Тони Денковски.
Автор на музиката содржана во изведбата е Ристо Вртев, костимографијата е на Ивана Каранфиловска Угуровска, сценограф е Војдан Запров, а дизајнер на светло Милчо Александров.
Првата реприза е најавена за 28 октомври, а следната изведба ќе биде на 1 ноември.
Оваа современа комедија е во продукција на Театар Комедија, Амбасада на Република Чешка, МА2К Invest S.P.O. и SOR Libhavy OOD.