Изложбата „Пикасо можеби јас 2“ на уметникот Филип Фидановски ќе се отвори на 25 октомври (петок) во Музејот на град Скопје во 20 часот.
Ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18 каратно злато за керамика и порцелан. Изложбата ќе ја отвори Н.Е. Г-дин. Рафаел Соријано Ортиз, Амбасадор на Шпанија.
„’Пикасо, можеби јас 2′ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо“, пишува кураторот на изложбата Кирил Пенушлиски.
Ова е втор дел на изложбата која претходно беше отворена хрватскиот град Вараждин.
Изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски „Пикасо можеби јас“ денеска во Вараждин
Фидановски завршил Средно уметничко училиште во Скопје (1996) во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров, а високо образование и магистерски студии завршува на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија (2004), на катедрата за керамика во класата на Професор Красимир Џидров. Од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирани и групни
изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми.
Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003 – 2010 е: доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; 2002 – 2006 стручен соработник во Музеј на Македонија, Одделение за едукација, во периодот 2002 – 2003 работи во ателје за музејски копии при истиот Музеј; 2019 – 2022 е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).
Автор е на „Прирачник за изведување на настава по ликовно образование“ како и на „Практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование“. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од облата на уметноста и културата, а на некои од нив е и автор.
Добитник е на наградите: (2018) Награда за скулптура на ДЛУМ, Скопје; Награда „КОНСТАНТИН МАЗЕВ“
за мал формат од Културно информативен центар – Скопје. (2015) Награда за скулптура мал формат „ДИМО ТОДОРОВСКИ“ – ДЛУМ. (2007) Награда за скулптура „ЈОРДАН ГРАБУЛ“ на ДЛУМ, (2000) Трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, Каиро, Египет (Бронзена плакета).
Денес живее и работи во Скопје.
Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски подржана од Министерството за култура и туризам и спонзорирана од општествено одговорни компании од нашата држава: НЛБ Банка, Дајнерс клуб – Македонија, Тиквеш, Скопска Пивара, Мартема, Метеор фото студио, Виталија и Торакс.