Пинтерест ги забранува сите реклами со текст или содржини за слабеење, како и реклами во кои се идеализира или омаловажува одреден тип на тело, соопштија од социјалната мрежа.
Популарната платформа за фотографии, која овозможува корисниците да креираат и споделуваат колажи, вели дека исто така нема да дозволуваат реклами со сведоштва за губење на тежина или пак продукти за слабеење, како и реклами за индекс на телесна маса и слично.
„Ваквиот став го прави Пинтерест единствен од големите социјални мрежи кои забранува реклами за слабеење. Тоа е проширување на нашите политики за рекламирање кои долго време забрануваат исмејување на телото или пак опасни тврдења за производи за слабеење“, напишаа од компанијата на својот блог, пренесе Гардијан.
На платформата и понатаму ќе бидат дозволени реклами кои промовираат здрав животен стил, навики и фитнес услуги и продукти доколку тие не се фокусирани на слабеење.
Директорката на политики на Пинтерест, Сара Брома, вели дека промената на правилата „става приоритет на емоционалното и менталното здравје на корисниците, особено на оние кои биле изложени на нарушување на исхраната, диети или исмевање на телото“.
Продуктите за слабеење потрошиле дури 372 милиони долари на реклами од почетоков на годинава, што е раст од 89% споредено со истиот период лани.