Галеријата „Пионери“ на 20 март во 19 часот ја најавува самостојната изложба на Индиа Мулен.
„Индиа Мулен е мултидисциплинарна уметница од Ирска. Изминатава деценија таа работи во театар, телевизија и филм, појавувајќи се како актерка во низа проекти признати од критиката. На јавноста ѝ е особено позната по улогата во ТВ-серијата ‘Нормални луѓе’. Во последниве години Мулен се занимава и со филмска продукција и визуелна уметност“, соопштуваат од галеријата.
Нејзините фотографии се објавувани во „Wonderland“, „W Magazine“, „NME“ и други списанија, а во моментов е во претпродукција за својот прв филм како сценаристка/режисерка.
„Неодамна, Мулен се претстави со свои дела во Have A Butchers Gallery во источен Лондон, во рамките на изложбата ‘Strange Quarks’, курирана од Алегра Вентури во соработка со уметницата и дизајнерка Џоана Лордан“, велат од галеријата.
View this post on Instagram
„Од секаква суштина“ (of any substance) е колекција на фотографии кои го истражуваат идентитетот и нашиот однос кон себеси на возраст од 20 до 30 години, со фокус на прекумерната потрошувачка и чувството на изолираност во опкружување од боја и шум.
Инаку „Пионери“, сместена во срцето на Скопје, служи и како физичка уметничка галерија и како динамична онлајн платформа, претставувајќи мост помеѓу младата уметничка сцена и пошироката публика, отворајќи нови можности за иновација и културна размена. „Пионери“ има цел да создаде простор каде креативните гласови на новата генерација ќе бидат видени и слушнати.