Во Друштвото на писателите на Македонија утре во 18 часот ќе се одржи средба со Џон Ралстон Сол, претседател на Меѓународната писателска асоцијација ПЕН и едно од водечките имиња на светската литература и есеистика.
Претставници на Македонскиот ПЕН и на Друштвото на писателите на Македонија со него ќе разговараат за местото и улогата на писателите во актуелните случувања во светот и за состојбите во Меѓународниот ПЕН. На средбата ќе биде претставена неговта книга „Несвесна цивилизација“ која деновиве беше објавена на македонски јазик.
Џон Ралстон Сол е истакнат канадски писател и есеист. Дебитира со романот „Грабливи птици“ во 1977 година. Потоа често патува во Африка и Југоисточна Азија при што ја создава романескната трилогија „Полето“. За време на своите престои во Африка и во Југоисточна Азија, Сол бил сведок на владината супресија на слободата на изразување од која страдале неговите колеги писатели. Од 2009 година Џон Ралстон Сол е претседател на Меѓународната писателска асоцијација ПЕН.
На свеченост синоќа во Охрид на Сол му беше врачена годинашната Светска награда за хуманизам.