Чешкиот писател Милан Кундера, кој од 1975 живее во Франција каде емигрирал, се противи на издавањето на роман инспириран од неговиот живот, јави дописникот на МИА од Прага.
Иако според издавачите, младиот чешки автор Мартин Јуна, во поднасловот на романот напишал дека фактите во текстот не треба да се сметаат за сериозни, сепак го испратиле до Кундера, кој подоцна преку своите адвокати побарал промена на името, насловната страница и на дел од содржината на книгата.
Работната верзија на романот со наслов „Смртта на писателот К.“ се менува во „Доживотен затвор“.
Кундера, кој е автор на познатите романи „Шега“, „Неподносливата леснотија на постоењето“ и „Бесмртност“, ретко ја посетува Чешка и не комуницира со тамошните медиуми. За своите последни романи издадени на француски јазик, Кундера се уште нема дадено согласност за да се преведат на чешки.