Писателката Фросина Пармаковска секој вторник, во периодот од втори мај до шести јуни ќе одржува работилници за проза.
Првата работилница ќе се одржи во вторник, 2 мај, во Џебното кино при Младински културен центар (МКЦ), со почеток во 16 и 30 часот.
Сите заинтересирани може да се пријават на frosina@parmakovski.com, а организаторите посочуваат дека времетраењето на една работилница ќе биде час и половина.
Според менторката, часовите за пишување проза „Пишуваме и патуваме“, се замислени и прилагодени кон сите категории на учесници, како и кон нивните интереси и преференци.
„Овие креативни работилници, уште во раната фаза инсистираат на поттик и мотивација на учесниците писмено да се изразуваат, согласно со нивниот личен избор во однос на книжевните видови и жанрови. Паралелно со тоа, се усвојуваат техники на пишување со акцент на кус расказ, расказ и роман (наративни стратегии, ликови, дејство) со користење на најсовремени методи и техники. Притоа, големо внимание се обрнува и на посочувањето на литература на учесниците односно читање класични и современи автори од светската книжевност со материјали кои ќе им бидат обезбедени во рамките на самата работилница“, посочуваат организаторите.
Дополнително, тие потенцираат дека учесниците, во однос на своите пишани текстови, добиваат прегледи, критики, сугестии – сѐ во насока на унапредување и развој на усвоените техники и вештини.