Сојузната американска држава Њу Џерси ја разгледува мерката, која ако се усвои, луѓето кои пишуваат и гледаат во своите мобилни телефони додека пешачат ќе добијат парична казна, па дури и затвор.
Мерката што неодамна ја претстави пратеничката Памела Лампит, забранува пешачење додека се пишува порака и им забранува на луѓето да се движат по јавни патишта и да користат електронски уреди за комуникација, освен ако не ги користат рацете. Прекршителите ќе се соочат со парична казна до 50 долари, 15 дена затвор, или и двете. Половина од глобата ќе биде наменета за учење на опасностите од невнимателното пешачење.
Дел од граѓаните сметаат дека предлогот е претерување, други пак, сметаат дека мерките се оправдани. Сепак, повеќето се согласуваат дека луѓето треба да бидат свесни за ова прашање. Експертите велат дека ова претставува растечки проблем во светот, со оглед на тоа дека луѓе од сите возрасти стануваат зависни од електронски уреди.
Тие, исто така, наведуваат дека смртта на пешаците се зголемува во последните години. Во единаесет отсто од смртните случаи во 2005 година се вклучени и пешаци, но бројот се зголемил на 15 отсто во 2014 година. Зголемениот број на смртни случаи натера голем број држави да воведат дополнителни мерки за пешаците и велосипедистите. На пример, нацрт-законот, кој се очекува да се донесе на Хаваи ќе го казни секој со 250 долари ако преминува улица додека држи електронски уред во раце. Во последниве години, слични закони не успеаја во држави како Арканзас, Илиноис, Невада и Њујорк.
Расправата за предложената мерка во Њу Џерси се уште не е закажана.