Планетариумот во МКЦ започнува со работа од 1 март

По двегодишна пауза, Планетариумот во Младинскиот културен центар во Скопје започнува со работа од 1 март 2022 година.

„Повторно ќе имате можност да учите за планетите, за ѕвездите, за сите светли и темни нешта во вселената, за сѐ околу нас“, се вели во соопштението.

Предавањата ги реализираат предавачите Моника Пешевска и Радан Митровиќ и тие се адаптирани според возраста на посетителите.

Условите за посета на Планетариум се во согласност со постоечките официјални протоколи за справување со пандемијата предизвикана од Ковид 19.

Максимален број на посетители на едно предавање во Планетариум е 30 лица. Сите посетители треба да носат заштитна маска за време на предавањата.