Планот за вонредни ситуации на Европската Унија за подготовка за можно прекинување на испораките на руски гас ќе стапи на сила денеска, откако во понеделникот беше објавен во службеното гласило на ЕУ, јавува Ал Џазира Балканс.
Според планот, земјите-членки на ЕУ треба доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15% во периодот од 1 август до 31 март следната година, во споредба со просечната потрошувачка во истиот период во последните пет години.
Податоците на Европската комисија покажуваат дека е потребно да се заштедат вкупно 45 милијарди кубни метри гас за да се постигне зацртаната цел.
Германија би требало да троши околу 10 милијарди кубни метри помалку во однос на претходниот период.
Крајната цел на заштедите е подготовка за можен целосен прекин на снабдувањето со руски гас за земјите од ЕУ, откако Москва во последните месеци значително го намали снабдувањето.
Во случај на голем недостиг на гас, новиот план за вонредни ситуации предвидува можност за задолжителни заштеди.
Најмалку 15 земји-членки на ЕУ, кои сочинуваат околу 65% од вкупното население на унијата, ќе треба да дадат одобрение за активирање на таква мерка.
Неколку земји, вклучувајќи ги Италија и Шпанија, обезбедија исклучок за таква ситуација.
Планот за вонредни состојби засега ќе биде на сила една година.