Платформата против говор на омраза упатува повик до надлежните органи да преземат итни мерки за гонење и казнување на Миленко Неделковски, поради ширење на говор на омраза. Тие сметаат дека со соодветно казнување ќе се превенира и спречи ширење на говорот на омраза и повикувањето на насилство во иднина.
„Потсетуваме дека неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза. Дотолку пострашно, се охрабрува неговото користење кое неизбежно води кон опасност да предизвика и резултира со дела од омраза“, стои во реакцијата на Платформата.
Тие го поздравуваат соопштението и барањето за кривично гонење од страна на Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во врска со ширењето и промовирањето на говорот на омраза од страна на Неделковски.
„Имено, лицето Миленко Неделковски, кој е јавна личност, во повеќе наврати е забележано како шири и промовира говор на омраза, како на својот Фејсбук профил, така и во објавени текстови (колумни). Говорот на омраза со кој Неделковски се служи се заснова на различни основи и провоцира понатамошно ширење на говор на омраза од страна на други личности, во вид на коментари и реакции. Во конкретниот случај кој е предмет на соопштението на ЗНМ, говорот на омраза е насочен кон новинари, а во други наврати како жртви на неговиот говор на омраза се идентификуваат политички претставници, граѓански активисти и припадници на маргинализирани групи. Користењето на говор на омраза од страна на Неделковски, беше регистрирано и од високи претставници на меѓународната организација ОБСЕ, кои реагираа со осуда, а побараа реакција од Советот за етика во медиумите“, се вели во соопштението.
Членките на Платформата во повеќе случаи поднесоа пријави до Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, но ниту еден случај не е процесиран, ниту пак се преземени мерки за кривично гонење од страна на надлежните органи.
„Наодите од страна на јавното обвинителство дека лицето не сторило кривично дело предизвикување на омраза, дискриминација или насилство се зачудувачки, земајќи во предвид дека во овој случај, а и во други наврати, Неделковски директно се заканува дека ќе стори насилство. Во сличен случај, на 12.07.2015 година, Неделкоски се заканува со насилство на новинарот Владимир Петрески, уредник на Сервисот за проверка на факти во медиумите, велејќи дека „лично ќе се пресмета со него“. На 24.10.2014 година, на својот Фесбук профил Миленко Неделковски служејќи се со говор на омраза, го оправдува нападот на клубот „Дамар“ каде што се прославуваше роденден на ЛГБТИ Центарот за поддршка, кој претставуваше дело од омраза. Од поднесувањето на кривична пријава, обвинителство сè уште нема иницирано судска постапка“, реагираат од Платформата.
Претходно, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за програмски надзор објави извештај, во кој се вели дека Канал 5, со изјавите и ставовите во дел од изданијата на „Миленко Неделковски Шоу“ поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основа на сексуална ориентација.