Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на соопштението на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), во кое се оправдува барањето дипломатски пасош, а притоа се изнесуваат критики за работата на претходниот состав на антикорупционерите и нивните активности се квалификуваат како паушални и популистички.
„Платформата ја потсетува комисијата дека според член 17 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, алинеи 18 и 19, ДКСК има надлежност да учествува во активности насочени кон јакнење на интегритетот и едукацијата за ефектите на корупција. Ова вклучува и медиумски настапи и изјави со кои се коментираат настани и процеси поврзани со сомнежи за корупција или евидентни ризици, а кои изјави можат да создадат услови да се запрат негативните дејствија“, велат од Платформата.
Оттука, Платформата ја повикува ДКСК да ги посочи конкретните случаи во кои претходниот состав излегол надвор од оваа надлежност, а во спротивно да се воздржи од, како што велат, поткопување на довербата и на добрата пракса која претходниот состав ја изгради.
„Во однос на учеството на ДКСК во јавната дебата околу настани и процеси, не залудно постојат домашни и меѓународни стандарди за антикорупција, интегритет, етика, и добро управување, кои ги водат членовите при давањето изјави и оценки за состојбите. Оттука, Платформата стравува дека доколку ДКСК се обврзе да дава изјави само по донесени одлуки, ќе се пропушти значајна можност институцијата да учествува во превенција или фокусирање на јавноста кон процеси од највисоката корупција, кои тешко се докажуваат, но може да се спречат со колективна акција на притисок“, смета Платформата.
Истовремено, велат од таму, Платформата со жалење ја прими одлуката да се додели дипломатски пасош на претседателката на ДКСК и поднесените барања на останатите шест членови на комисијата за истото право.
„И покрај постоењето на чл. 10 во Законот за патни исправи, на кој се повикуваат членовите на ДКСК, истото право, а воедно и заштита се уредува и во чл.50 од истиот закон каде се констатира дека ова право ќе биде уредено со правилник од страна на МВР и МНР. Токму овој Правилник за постапката за издавање на дипломатски и службени пасоши и визи и за листата на носители на дипломатски и службени пасоши, во листата на носители на дипломатски пасоши не ги наведува претседателот и членовите на ДКСК. Од тука, изненадува потребата да претседателката и членовите на комисијата поднеле посебно барање за ваков тип на пасош. Кога веќе побарале дипломатски пасоши за себе, зошто не го сториле тоа и за вработените во Секретаријатот на ДКСК кои исто така обавуваат службени патувања надвор од државата“, велат тие.
Напоменуваат, дипломатскиот пасош не е само документ потребен поради зголемен обем на службени патувања, туку тој нуди и дипломатска заштита на лицата кои го поседуваат, па од тука поставуваат прашање каков тип на заштита им е потребна на комисионерите на ДКСК при обавување на службените патувања во странство.
„Сакаме да истакнеме дека на оваа листа има и други избрани и именувани лица кои се изземени, а се избрани од страна на Собранието на РСМ. ДКСК треба да се залага за намалување на користењето на дикреционите овластувања од страна на избраните и именуваните лица, а не со вакви барања да ги користи за свои потреби“, соопштува Платформата.
Во однос на службените возила, Платформата бара расчистување на случајот, со оглед на спротивставените изјави на ДКСК и на Агенцијата за управување со одземен имот како и на Владата.
„Останува и тука нејасно, колку се зголемила потребата на комисијата во изминатите неколку месеци, споредено со претходните пет години, за да побарува службени возила. Очекуваме транспаретно да се објасни оправданоста на ова барање доколку е истото побарано“, бараат од Платформата.
На крај, Платформата ја повикува ДКСК да посвети поголемо внимание на настапи и комуникацијата со медиуми и јавност за да се задржи претходно воспоставената добра пракса на присуство на членовите на ДКСК во јавната дебата.
„Само на тој начин, новиот состав на ДКСК ќе ја има поддршката на јавноста во случаи во кои ќе треба да се пружи отпор на моќните мрежи на корупција кои изминатите децении ја претворија земјава во една од црните дупки на Европа“, се вели со соопштението на Платформата.