Платформа за борба против коруција бара да престане неказнивоста и селективната правда

„Корупцијата во Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавни средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, ’Беса Транс’, и модуларната болница во Тетово се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа. И покрај континуираните ветувања за реформи, не се спроведени суштински промени во контролата, инспекциските механизми и законската одговорност, што доведе до 150 изгубени животи. Недостигот од одговорност и селективна примена на закони создадоа амбиент каде трагедиите се очекуван исход, а довербата во институциите е длабоко нарушена. Без еднаков третман пред законот и вистински системски реформи, ваквите трагедии ќе продолжат да се повторуваат“.

Ова беа заклучоците на Платформата на граѓански организации за борба против корупција, која упати конкретни барања до надлежните институции со цел, како што рекоа, да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски.

Бараaт итно да се преземат повеќе мерки:

1.Целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани – Обвинителството мора да спроведе темелна и објективна истрага, без политички влијанија. Бараме да се објават основни податоци од планот за истрага и да се организираат редовни јавни брифинзи за напредокот, без да се откриваат чувствителни детали.

2.Целосна реформа на казнената политика – Бараме строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, затоа што малите и симболични казни само го охрабруваат прекршувањето на законот. Потребно е да се унапреди заштитата на укажувачите.

3.Одговорност за институциите и компаниите што не ги исполнувале обврските – Потребно е јасно утврдување зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, да се утврди дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.

4.Теренски проверки при вонреден надзор Само административна проверка не е доволна. Потребно е инспекциите преку теренска и темелна проверка да утврдат кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди.

5.Проверка на имотна состојба и интереси на инспектори и службеници кои одлучуваат во постапки за доделување лиценци и дозволи – Да се проверуваат анкетните листови на лица кои одлучуваат за дозволи и надзор, со цел да се откријат евентуални конфликти на интереси, коруптивни врски и нечесно влијание врз одлуките.

6.Инспекторските места да се пополнат со вистински луѓе – Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат на контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати.

7.Ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци – Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци.

8.Измените на законите да не бидат алиби за минатите пропусти – Иако се најавени нови законски измени, тоа не смее да се користи како оправдување за претходни незаконски постапки или непостапување. Одговорност мора да има за пропустите, дури и ако правилата во меѓувреме се променети.

9.Итно постапување по наодите од ДКСК и ДЗР – Препораките од антикорупциските и ревизорски тела не смеат повеќе да се игнорираат. Институциите мора веднаш да реагираат, јавно да објавуваат кои случаи ги опфаќаат и какви мерки преземаат.

10.Воспоставување вертикална одговорност во институциите Секој што дозволил небезбедни објекти да функционираат– од најниско до највисоко ниво– мора да сноси одговорност, било дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.

11.Престанување со притисоци врз граѓанските организации, движења, иницијативи и медиумите – Независните медиуми и граѓанското општество честопати први алармираат за проблеми во системот. Наместо да се дискредитираат, тие треба да се третираат како партнери во борбата за правда, без страв од притисоци и одмазди“, рекоа до Платформата.

Од таму посочија дека минатата недела беа направени проверки во повеќе дејности. Во угостителските објекти, поголемиот дел имаа недостатоци и беа санкционирани со забрани, одземени лиценци или казни. Кај компаниите од областа на градба, проектирање и урбанистичко планирање, пак, дел од лиценците беа одземени поради неправилности, додека во транспортниот сектор – мал дел од контролираните субјекти покажаа проблеми. Истовремено, локалната самоуправа потврди дека училиштата и градинките се безбедни.

„Но, кога ќе се погледне брзината со која се направија сите овие проверки, се поставува прашањето: колку навистина се проверуваше, и дали тоа беше длабински и темелно?  Во случајот со лиценцирањето во угостителството, од тоа што беше изнесено во јавност, испаѓа дека наместо да се казнат тие што не ги почитувале правилата, треба да им дадеме време да се ’прилагодат’ и се очекува да поминат неказнето. Се добива впечаток дека и покрај тоа што долго време профитирале од расипаниот систем – со помали трошоци и без да ги исполнат стандардите – пак ќе им се прогледа низ прсти, повторно на сметка на јавниот интерес. Нема најави за санкции на административните службеници кои ги издале лиценците и дозоволите, што при вонредниот надзор беа повлечени. Инспекциските служби, иако клучни за заштита на јавниот интерес, се зависни од Владата – и финансиски и политички – што ја поткопува нивната независност и објективност. Укажувањата од антикорупциските тела често се игнорираат, а внатрешните ревизии ретко имаат последици“, забележуваат од Платформата.

Платформата истакнува дека барањата што ги упатува се основни чекори кон создавање држава во која граѓаните ќе се чувствуваат безбедно и достоинствено, каде можат слободно да се движат и живеат без страв.

„Во следните недели ќе биде подготвена Бела книга со досега неисполнети барања за системски реформи, придружена со акциски план и рокови за институциите. Овие заложби не се политички, туку произлегуваат од потребата за заштита на животот, безбедноста и правичноста. Време е за конкретна одговорност и еднаква примена на правилата за сите, на сите нивоа“, велат од Платформата.