Силувањата, фемицидите и сексуалното вознемирување врз жените и девојките/девојчињата станаа секојдневие насекаде во регионот, каде патријархалните вредности го нормализираат, замолчуваат и охрабруваат самото насилство, велат од Платформата за родова еднаквост, која изразува поддршка со протестите и активистите кои бараат соодветна реакција од институциите, но и крај на сите форми на родово базираното насилство.
Оттаму потсетуваат на протестите што во знак на револт беа организирани во Приштина, Тирана и Скопје, по силувањето на 11-годишно девојче од пет мажи и момчиња во Приштина.
„Пораката на протестите имаше за цел да потсети колку се ранливи животите на жените и девојките во државите каде што институциите на власта, но и социјалното опкружување не прават доволно за да ги заштитат нивните права, достоинство и животи“, велат од Платформата.
Според EULEX за две години имало 228 пријави за силувања во Косово, но 90% од силувањата остануваат непријавени, што значи, велат тие, вистинската бројка е многу поголема.
„Патријахалното општество не охрабрува пријавување, односно поттикнува премолчување на секојдневното насилство кое жените и девојчињата го преживуваат. Во Косово, силувањето се казнува од две до десет години, додека во случаите со малолетници, казната е од пет до 20 години. Според Мрежата на жените на Косово, над 70% од случаите на сексуални напади и силувања во земјата се врз малолетни девојчиња“, се вели во соопштението.
Во знак на солидарност за трагичниот случај на грозоморното силување на малолетно девојче од 5 мажи во Приштина, потенцираат дека во Скопје протестот имаше за цел да повика за поголема заштита на девојките и жените од насилство во Македонија и низ целиот регион.
„Демонстрантите бараа превенирање и заштита на жените и девојчињата од насилство, како и поголема одговорност од страна на инситуциите и соодветно казнување на насилниците. За жал, непосредно пред протестот, физички беа нападнати еден активист и една активистка, што дополнително говори за доминантната насилничка култура и широката распространетост на одобрување и нормализирање на насилството во нашите општества. Различните форми на родово базирано насилство се секојдневие и во Македонија. На 28- ми август имаше обид за фемицид во Арачиново, кога сопруг пукал во својата сопруга. Неколку недели претходно 46-годишната жена од Неготино почина по четири дена борба за живот, откако нејзиниот партнер ја претепал нанесувајќи и многу тешки повреди на мозокот и черепот. Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во 2020 година се случиле четири убиства на жени, фемициди. Во сите овие случаи, претходно било пријавено насилство, но, немало соодветна реакција за заштита на жртвите“, забележува Платформата.
Изминатиот месец, Платформата за родова еднаквост реагираше неколку пати во однос родово базирано насилство и негово системско игнорирање.
„Фемицидот од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Неколку дена покасно, Платформата алармираше и за непостапувањето од страна на надлежните институции во однос на лицата кои се соочуваат и справуваат со семејно насилство“, велат од Платформата.
Според Платформата, родово базираното насилство останува дел од нашата реалност се додека општествено и системски на се адресира и соодветно санкционира.
„Ги повикуваме надлежните институции: 1. Навремено да преземаат мерки со кои ќе го превенираат и спречат насилството. 2. Обезбедат ефикасна заштита на жртвите на родово базирано насилство. 3. Воспостават функционални и достапни сервиси, особено шелтер центри, за заштита на жртвите на РБН и семејно насилство, и кои ќе работат според унифицирани стандарди на територија на целата држава. 4. Соодветно да ги санкционираат насилниците“, велат тие.
Потсетуваат дека измените на Кривичниот Законик се сѐ уште блокирани во Собраниска процедура и ги повикуваат пратеничките и пратениците во најбрз можен рок истите да ги стават на дневен ред.
„Стоп за силувањата, Стоп за сексуалното вознемирување, Стоп за фемицидите! Ставете крај на родово базираното насилство врз жени веднаш!“, се вели во соопштението.