Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро го осудува оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот и бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“.
Платформата бара од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика.
„Порталот ‘Отворени финансии’ на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17 јуни 2024 година. Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција“, велат од Платформата.
За потсетување, велат тие, воведување на порталот „Отворени финансии“ е една од најзначајните реформи со кои се унапредува проактивната транспарентност на државните институции.
„Како дел од Партнерството за отворена власт, оваа активност беше оценета како заложба со амбициозен дизајн и успешна имплементација која воведе исклучителни промени во институционалните практики“, посочуваат од Платформата.
Платформата ја потсетува Владата на Македонија дека во предизборието беше ветено дека ќе се зголеми бројот на отворени податоци и нивно ажурирање. Со сегашната состојба на „Отворени финансии“, Платформата стравува дека процесот се движи во спротивна насока.
По реакцијата, со соопштение се јавија од Министерство за финансии (МФ), посочувајќи дека во најкус можен рок ќе бидат ажурирани податоците на „Отворени финансии“.
„Имено, надлежниот сектор од Министерството за финансии заедно со економскиот оператор ангажиран за одржување на порталот работат на отстранување на техничкиот проблем којшто оневозможува пристап до податоците коишто се генерираат на порталот. Податоците коишто се објавуваат преку порталот ‘Отворени финансии’ како алатка за транспареност и понатаму ќе бидат достапни за јавноста. Јавноста ќе може да пребарува информации за реализација на буџетот, одделно по институции и извршени трансакции. Порталот е промовиран со цел зголемување на транспарентноста на трошењето на буџетските средства. Податоците се ажурираат редовно согласно утврдената динамика на објавување на одделните категории податоци“, соопшти МФ.