„Длабоко сме загрижени од неодамнешната изјава на владиката Петар во врска со правата на жените и нивната положба во современото општество. Иако го почитуваме неговото право на сопствени мислења и верувања, не можеме да прифатиме дека феминизмот е опасна и деструктивна идеологија. Родовата рамноправност е основно човеково право кое е вградено во меѓународната правна рамка и е од суштинско значење за создавање на еднакво општество“, реагираат денес од Платформата за родова еднаквост за говорот на Владиката Петар.
Платформата која е составена од 28 организации и мрежи кои дејствуваат за унапредување на родовата еднаквост во Македонија бара разрешување од должноста Митрополит заради, како што велат, повреда на Уставот на Република Северна Македонија и повреда на основните човекови права и слободи.
„Ова барање произлегува од непоправливоста на Митрополитот Петар во своето однесување, со кое произнесува ретроградни и антицивилизациски ставови кои се спротивни на христијанството како религија. Воедно бараме да се активира Одлуката на САС на МПЦ за расчинување на Митрополитот г.Петар донесена од Синодот под претседателство на г.г. Гаврил која е извршна и е стапена во сила на денот на донесувањето 14 јуни 1990 година“, стои во реакцијата.
Според Платформата за родова еднаквост изјавата на Владиката Петар служи за овековечување на штетните родови стереотипи и ја зајакнуваат дискриминацијата на жените.
„Со сугерирањето дека жените кои ги бараат своите права треба да бидат подготвени да извршуваат повеќе должности, Владиката Петар во суштина тврди дека жените треба да бидат казнети затоа што се залагаат за сопствените права. Ова не само што е длабоко неправедно, туку е и спротивно на принципите на еднаквост и правда што сите ние се стремиме да ги почитуваме. Наместо да го осудуваме феминистичкото движење и да го обвинуваме за општествени прашања, треба да работиме заедно кон креирање на општество кое ја прифаќа различноста, промовира рамноправност и обезбедува пристап кон еднакви можности за сите поединци“, се вели во реакцијата.