Платформата за родова еднаквост изразува сериозна загриженост за дискриминаторските содржини кои се присутни во учебникот по Социологија, за втора година средно образование, кој беше мета на силни негативни критики изминатиот период.
Оттаму ги повикаа Министерството за образование и наука (МОН) и органите во негов состав (Бирото за развој на образование, Педагошка служба, Државен просветен инспекторат) веднаш да формираат Комисија за ревизија на сите наставни програми и учебници за основно и средно образование.
„Потенцираме дека пласирањето на вакви содржини е противзаконско, доведува до системско промовирање на дискриминација, стереотипизација и нееднаков третман на жените и мажите во нашето општество, и директно се коси со постојните закони и стратегии во земјата“, реагираат од Платформата.
Потсетуваат и дека обврската за ревизија на учебниците е пропишана и во Програмата на Владата 2017 – 2020, во која се вели дека во рок од една година, државни комисии составени од универзитетски професори и поддржани од МОН, ќе ги евалуираат сите учебници за основно и за средно образование и ќе постават јасни правила кои мора да се почитуваат.
Во изминатите години имаше многубројни реакции од јавноста и граѓанскиот сектор во однос на содржините во учебниците, но конкретни преземени чекори од надлежните институции изостануваат, соопштија од Платформата.
„Учебниците се основа за образование и еманципација на идните генерации во нашата земја и недопустливо е содржини кои промовираат дискриминација, родова нееднаквост, шовинизам, насилство и кршење на основните човекови права, да бидат присутни и предавани во образованието како прифатливи и нормални појави“, се додава во соопштението.
Министерството за образование и наука по критиките во јавноста потврди дека ќе има измени и во спорниот учебник по социологија.