Пленумот на „Независен студентски сојуз“ на УКИМ се одржа зад затворени врати, без присуство на медиуми

Иако беше најавен преку соопштение до медиумите и јавноста, пленумскиот собир на иницијативата „Независен студентски сојуз УКИМ“ се одржа зад затворени врати. Студентите се повлекоа во аулата на Филозофскиот и Филолошкиот факултет во Скопје, а новинарите беа замолени да си заминат и да не снимаат и фотографираат, пренесува агенцијата Мета.мк.

Иницијативата „Независен студентски сојуз“ минатата седмица соопшти дека започнува со делување, а за денес во 13 часот на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) беше закажан првиот пленумски собир. Но, дворот на најголемиот државен универзитет попладнево остана речиси без студенти, само со новинари кои дојдоа да го проследат состанокот.

Пред најавениот почеток на собирот, еден од студентите преку мегафон информираше дека „никој не сака новинар внатре“ и „никој студент не сака сликање“. Студентите претходно се повлекле во аулата на Филозофскиот и Филолошкиот факултет, каде зад затворени врати го одржаа првиот пленумски собир.

Од иницијативата вчеравечер на својот Инстаграм профил објавија „Правила на студентскиот пленум“, во кои пишува дека настанот е отворен само за студенти. Меѓу другото, стои дека „Нема лидери. Нема партии“ и оти не е дозволено фотографирање без дозвола.

Новинарски екипи, сепак, попладнево се појавија на платото на УКИМ да го проследат собирот, но преставници на иницијаторите на собирот ги замолија медиумите да не снимаат.

Дел од новинарите влегоа на Филозофскиот и Филолошкиот факултет додека студентите одржуваа 15-минутен молк во знак на почит и солидарност кон жртвите од трагедијата во Кочани, но кога почна расправата, модераторите повторно замолија оние што не се студенти да ја напуштат просторијата.

На Филозофскиот факултет беа поставени неколку „активни зони“ каде студентите на големи картони можеа да остават пишани изјави преку одговор на прашањата „Кажи што мислиш“, „Запиши го својот глас“ и „Што понатаму?“.

Останува нејасно што се случуваше внатре и дали најавениот студентски пленум беше одржан во целост.

Различни соопштенија од различни адреси во името на Независниот студентски сојуз

Изминатиов викенд, до медиумите пристигнуваа соопштенија од две различни имејл адреси во име на „Независниот студентски сојуз“.

Првото соопштение до медиумите, испратено во петокот (21 март) од мејл адресата nezavisnostudentskosobranie@gmail.com го најави студентскиот собир за денес.

Следниот ден, во саботата (22 март), медиумите добија слично соопштение, но од друга адреса –nezavisenstudentskisojuz@gmail.com. Во овој мејл, испраќачот апелираше до политичките партии и нивните претставници „да стојат настрана, бидејќи ова се моменти на искрено делување и организирање на студентите“. Во мејлот се спомнува политичката партија Левица, за која пишува дека „се обидува да се вмеша во искреното, транспарентно и чесно организирање на студентите“.

Неколку часа подоцна, од првата адреса (nezavisnostudentskosobranie@gmail.com) беше испратено ново соопшение, во кое испраќачот демантира некои медиумски написи и вели дека „тоа не е протест, тоа е пленум“.

Во соопштението се вели дека пленумот е мирен јавен собир на студенти, отворен за сите, со цел разговор, дијалог и формулирање на заеднички ставови и потенцијални барања.

„Ништо не е однапред одлучено. Сè уште немаме ниту ставови, ниту барања. Тие ќе произлезат – ако произлезат – само и исклучиво преку пленумски дијалог и јавно гласање пред очите на сите“, соопштија од „Независен студентски сојуз“ во саботата.

Во неделата пристигна ново соопштение од втората адреса (nezavisenstudentskisojuz@gmail.com) во кое се вели дека собирот закажан за денес се откажува и повторно се спомнуваат политички влијанија.

„Огромна група на студенти е жртва на обид за манипулација и тоа не сакаме да го дозволиме. Поради тоа нашиот собир закажан за утре во 13:00 часот пред платото на УКИМ се откажува, додека целосно не ги дистанцираме обидите за политичко влијание“, се вели во вчерашниот мејл.

Набргу потоа, од првата адреса (nezavisnostudentskosobranie@gmail.com) стигна ново соопштение дека собирот не е откажан и дека „сите дезинформации што кружат се лажни и тенденциозни“.

Ваквите различни и спротивставени пораки од двете мејл адреси создадоа конфузија меѓу медиумите, кои сепак одлучија да се појават на платото на УКИМ за да го проследат собирот.

Иако студентите јасно ставија до знаење дека пленумот е наменет исклучиво за нив, во овој момент останува нејасно кои заклучоци се донесени и како ќе се одвиваат нивните понатамошни активности. Контроверзиите околу двата различни извора на соопштенија дополнително ја зголемија неизвесноста околу идниот тек на иницијативата.

Мета