Владата на Република Македонија од државниот буџет денеска исплати 12,2 милиони денари како помош за штетите настанати од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.
Од Министерството за финансии соопштија дека од помошта за двете земји се исплатени по 6,1 милион денари, односно по 100 илјади евра.
Владата по бројните реакции и барања на социјалните мрежи претходно одлучи дека државата нема да го задржи ДДВ-то за сите средства кои беа собрани врз основа на отворените телефонски линии за донација и тие исто така ќе бидат исплатени како хуманитарна помош за Босна и Херцеговина и за Србија.
Дополнително, Црвениот крст на РМ во текот на денешниот ден испрати 125 тони во вредност од 40.760 евра хуманитарна помош за настраданото население во Босна и Херцеговина. Целокупната активност е во координација со Црвениот крст на Босна и Херцеговина и со учество на амбасадата на Босна и Херцеговина во РМ.
Горенаведената помош е дел од помошта обезбедена од индивидуални донации на граѓаните на РМ, донации од фирми и компании и залихите на Црвениот крст на РМ. Логистичка поддршка за транспортот на хуманитарната помош дава Владата на РМ.
Преку телефон собрани над 154 илјади евра
Паричните средства собрани од трите телефонски оператори 070/075/077 за донации на Црвениот крст заклучно со 22.05.2014 изнесуваат 9.473.000,00 денари (154 илјади евра), а преку уплата на жиро сметка на Фонд на солидарност 2 700.000,00денари или околу 44 илјади евра.
Црвениот крст на РМ заради ефикасна реализација на хуманитарната акција апелираше граѓаните во моментов (до следната проценка на состојбата на терен) да се воздржат од донирање на било каков вид на облека и обувки, бидејќи се задоволени потребите на настраданото население во полавените подрачја на двете држави.
Согласно новите проценки на потребите на населението во загрозените подрачја на двете држави од помош би биле донациите во средства за хигиена и средства за дезинфекција. Понатамошните донации на граѓаните (доколку сакаат) да се состојат во горенаведените производи.
Дополнителна пратка на хуманитарна помош за настраданото население во подрачјата зафатени од природната катастрофа Црвениот крст на РМ ќе ја организира во почетокот на наредната недела.
Црвениот крст на РМ упатува апел до сите заинтересирани кои и понатаму сакаат да помогнат тоа да го сторат преку:
1. Парична помош преку уплата на жиро сметка Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка
2. Донирање на 100 денари со повик на телефоните : 075/070/077 143 400
3. Материјална помош исклучиво во средства за хигиена и дезинфекција, постелнина и ќебиња (нови), долен веш (нов).
4. Собирен пункт за хуманитарна помош во Скопје е магацинот на Црвениот крст на РМ во Момин Поток со адреса ул.Момин Поток бб, тел. 3096227 од 8.00 до 18.00