Илјадници деца на Филипините се вратија во училниците по повеќе од 18 месеци учење од дома, пренесува Гардијан. Ова е последната земја што повторно ги отвори училиштата од почетокот на пандемијата.
Во понеделник наутро, 120 училишта започнаа со настава во училница преку пилот проект. На децата им се мери температура на влез, пополнуваат здравствен формулар и ги мијат рацете пред да влезат на час.
Учениците, кои носеа маски за лице седеа на клупи кои беа делумно покриени со пластични прозорци. За да се намали мешањето, од децата се бара да јадат ручек на нивните клупи и им е дозволено да ја напуштат училницата само за да одат во тоалет.
Децата кои посетуваа настава во понеделникот ќе учат во групи од не повеќе од 15 и ќе поминуваат помеѓу три и пет часа на училиште, изјави за медиумите помошникот секретар за образование Малколм Гарма пред повторното отворање.
Во септември, УНИЦЕФ идентификуваше шест земји каде училиштата останаа „речиси целосно затворени“ помеѓу март 2020 и 30 јули 2021 година: Филипините, Бангладеш, Венецуела, Саудиска Арабија, Кувајт и Панама, кои постепено ги отворија училиштата од 31 мај. Од овие земји, Филипините се последни кои почнаа да ја враќаат наставата со физичко присуство.
Претседателот Родриго Дутерте рече во јуни 2020 година дека часовите со физичка настава нема да се вратат додека не биде достапна вакцина во земјата. Тој продолжи да ги отфрла предлозите за повторно отворање на училиштата оваа година, предупредувајќи дека тоа ќе ги стави децата „во опасност“ и дека тие исто така може да заразат постари роднини.
Покрај затворањето на училиштата, децата на Филипините исто така се соочија со тешки карантини, вклучително и правила кои им забрануваат да играат надвор или на јавни места. До овој месец, на децата во главниот град Манила им беше забрането да одат во затворени ресторани и продавници.
Претходно за време на пандемијата, лекарските групи советуваа да не се дозволуваат мали деца во трговските центри, тврдејќи дека тие се помалку способни да ги следат мерките за контрола на болеста, како што е носењето маска.
Застапниците за образование велат дека продолженото затворање на училиштата има големо влијание врз развојот на децата и врз нивното ментално здравје.
„За многу деца, особено во обесправените и најсиромашните заедници, училиштата можеби се единственото место каде што можат да имаат шанса да учат, особено ако самите родители се необразовани или се премногу фокусирани на работа поради финансиски стрес“, велат Шиена Бејс, експерт за заштита на деца во Филипини за глобалната невладина организација за образование Едуко.
„Исто така, стравуваме дека како што ситуацијата продолжува, многу деца на крајот ќе го изгубат интересот за училиште или ќе бидат принудени да го напуштат училиштето“, додава таа.
Најмалку 1,1 милион ученици не се запишале на училиште во текот на минатата академска година, откако пандемијата поттикна префрлување на учење на далечина.
„Веруваме дека некои деца ќе се откажат и едноставно нема да се вратат“, рече Бејс.
Глобалниот извештај на Едуко, кој вклучува одговори од речиси 8.000 деца од 12 земји, покажа дека децата анкетирани на Филипините, заедно со оние во Боливија и Гватемела, изразуваат најголема желба да учат на училиште. Ова е веројатно поради долготрајното затворање на училиштата, рече Бејс.
Случаите на Ковид-19 на Филипините опаднаа по врвот во септември, при што земјата сега потврди во просек 2.065 случаи во изминатите седум дена. Приближно една третина од населението е целосно вакцинирано. Филипините неодамна почнаа да нудат вакцинација за деца на возраст од 12 до 17 години.