Време е за збогување со црвените пликови со ДВД на „Нетфликс“, откако стриминг компанијата вчера објави дека ќе стави крај на 25-годишното испорачување на ДВД од филмови и серии на нивните претплатеници, јавува „Гардијан“.
Коизвршниот директор, Тед Сарандос изјавил дека бизнисот со ДВД-а го отворил патот за промена во стриминг платформа, но после 25 неверојатни години на праќање филмови по пошта донеле, како што рекол, тешка одлука да го прекинат тоа годинава со испраќање на последните дискови на 29 септември.
„Нашата цел отсекогаш беше да овозможиме најдобра услуга за нашите членови, но како што бизнисот продолжува да се намалува, тоа станува сè потешко“, рекол Сарандос.
After an incredible 25 year run, we’ve decided to wind down https://t.co/6h2lrcGg2b later this year.
To everyone who ever added a DVD to their queue or waited by the mailbox for a red envelope to arrive: Thank you! https://t.co/McxJUlLlGF pic.twitter.com/nBXzgvvv7p
— Netflix (@netflix) April 18, 2023
„Нетфликс“ започна како алтернатива за продавниците кои изнајмуваа видеа при што вршеше достава на ДВД до домовите на побарувачите. Првото ДВД кое беше испратено е копија на филмот „Битлџус“ на Тим Бартон, а оттогаш по пошта биле испратени повеќе од 5 милијарди ДВД-а.
Ваквиот бизнис модел брзо се рашири и скоро по тоа „Блокбастер“, најголемата продавница за изнајмување видеа и останатите ривали се најдоа во неволја. Сепак преминот во стриминг платформа го изеде бизнисот со ДВД што на компанијата лани ѝ донесе 126 милиони долари од вкупниот приход од 31,6 милијарда долари.