По 7 часа доцнење конечно тргна возот за Скопје – единствени патници од Битола само новинари на Радио МОФ

Единствениот воз во текот на деноноќието од Битола со крајна дестинација до Скопје, тргна по речиси 7 часа од предвиденото. Наместо во 3 часот и 13 минути по полноќ, возот тргна во 9 часот и 53 минути.

Единствените патници кои се качија од Железничката станица во Битола беа само новинари на Радио МОФ. Причина за доцнењето беа изгорени прагови на шините од пожар, во близина на селото Слепче.

Фото: Радио МОФ

Околу 7 часот утрово, во близина на селото, 50-тина километри воздушно од Битола, пристигна и деветчлена екипа од ЈП ЖРСМ Инфраструктура. Тие ги заменуваа изгорените прагови тешки околу стотина килограми, за возот од Битола со крајна дестинација до Скопје да може да тргне.

Утринава кога беше предвидено да тргне возот, на железничката станица во Битола дојдоа само шест патници, генерално млади, со истото потпрашање „а утре ќе има воз?“.

Од 25 октомври, возови на линијата Скопје-Битола сообраќаат само еднаш дневно. Измените, како што истакнаа од ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ќе важат до нивно отповикување.

Бројот на превезени патници со воз секоја година е во опаѓање. Во 2022 година биле превезени нешто над 405 илјади граѓани, додека пред 11 години, оваа бројка изнесувала над 1.4 милиони патници.

Мартин Колоски