По светската премиера на Берлинале, филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ќе започне со прикажување и во македонските кина.
На 14 март ‘ќе се прикажува во Синеплекс, а на 15 март во Милениум, по што филмот ќе биде поставен на редовниот репертоар и во двете киносали.
Од 30 април, започнува и редовната кинодистрибуција на филмот во Франција, каде тамошниот дистрибутер „Пирамид“ ќе го дистрибуира филмот низ цела Франција. Исто така, на 1 мај започнува и редовната кино дистрибуција на филмот во Швајцарија, раководена од една од најголемите дистрибутерски куќи „Тригон Филм“, а на истиот датум „Полифилм“ ја започнува и кино дистрибуцијата во Австрија.
„Во месец април, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ продолжува и со прикажување по фестивали. Во април, ќе биде прикажан на 4 фестивали. Започнувајќи со Франција, на 1 април, филмот ќе биде прикажан во Јужна Франција на филмскиот фестивал „Д’Алес“, потоа продолжува на Crossing Europe филмскиот фестивал во Линц. На првото издание на овој фестивал Теона ја освои главната награда со својот првенец „Како Убив Светец“ и сега се враќа како почесен гостин и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан како филм на затворање на фестивалот и од таму тргнува во редовна дистрибуција во Австрија. Следната станица ќе биде Германија, каде филмот ќе го отвори филмскиот фестивал во Оди Источно, Визбаден во Германија, а Теона Стругар
Митевска ќе биде претседател на главното жири. Во исто време, филмот ќе биде и во главна конкуренција со уште седум филма од целиот свет на Интернационалниот Филмски Фестива во Келн, Германија“, информираат од „Сестри и Брат Митевски“ продукција.
Филмот се врати од Берлинале со позитивни критики и две независни награди (престижната наградата на Екуменското жири и наградата на германскиот еснаф на независни киноприкажувачи).