Анонимуси започнаа „целосна војна“ со ИСИС, со ветување дека ќе се обидат да ги избришат од интернет и ќе го спречат преземањето пари. Групата се заканува на ИСИС уште по нападите врз Шарли Ебдо, на почетокот на 2015 година. Тие најавија засилени акции по нападите во Париз, а сега и по новиот бран смртоносни експлозии во Брисел, пред неколу дена.
Според најавите, со новите акции Анонимуси ќе се обидат да ги исклучат профилите на социјалните мрежи за корисниците на ИСИС и преземањето пари преку нив, вели поддржувач на групата во новото видео. Групата вети дека ќе продолжи со „хакирање на нивните веб-сајтови, затворање на нивните Твитер сметки и со крадење на нивните биткоини”. Тие тврдат и дека веќе се успешни во затворањето на Твитер сметки и други начини на комуникација, како и пропагандни алатки на интернет.
„Затворивме илјадници Твитер профили директно поврзани со ИСИС”, вели говорникот на Анонимуси сокриен зад маска, во снименото видео со кое вообичаено се огласува групата.
Анонимусите започнаа големи кампањи под името OpISIS по терористичките напади во Париз, а потоа и во Брисел. Меѓутоа, групата повремено се критикува дека е премногу оптимист во врска со своите методи, кои се состојат главно во едноставно затворање на Твитер сметки.