По четири години се деблокира полагањето лекторски испит по македонски јазик

Министерството за култура на Република Македонија соопшти дека е именувана Комисијата за полагање на лекторски испит и е доставен предлог – правилник за начинот на полагање на испитот, кој треба да биде усвоен во текот на оваа недела. Со ова, велат од Министерството, започнува практично спроведување на измените на Законот за употреба на македонскиот јазик и по четири години застој се откочува постапката за полагање на лекторскиот испит.

Поради претходната регулатива за начинот на полагање на овој испит, донесена во 2013 година, лекторска лиценца оттогаш нема добиено ниту еден лектор.

Измените на Законот за употреба на македонскиот јазик обезбедуваат услови за полагање и утврдуваат дека лекторскиот испит се полага пред Комисија составена од претседател и двајца членови – стручњаци од областа со мандат од четири години, со можност за повторно именување. Новата комисија е во состав проф. д-р Искра Пановска – Димкова (претседател), проф. д-р Олгица Додевска – Михајловска (член) и проф. д-р Симон Саздов (член). Министерот за култура, на предлог на Советот за македонски јазик ја именува Комисијата и ги донесува конкретните подзаконски акти – правилникот за начинот на полагање на испитот и програмата за испитот, што ќе го овозможи практичното спроведување на Законот и полагањето.

Лекторскиот испит не се спроведуваше од 2013 година, кога Владата на Р.М донесе Заклучок со кој го задолжи Министерството за култура, по урнек на полагањето на правосудниот испит, да изготви измени во овој Закон и лиценците за лекторите да се добиваат по пат на компјутерски испит, со софтвер обезбеден од Владата. Стручните лица задолжени за подготовка на софтверот од самиот почеток беа согласни дека електронското полагање на испитот не е соодветен инструмент за проверка на знаењето, односно не нуди објективна оценка за знаењето на кандидатот. Сепак, таков софтвер беше изработен, но по изработката сепак се утврдило дека е неприменлив и несоодветен, односно дека проверката на познавањето на граматиката, синтаксата, лингвостилистиката, зборообразувањето не може да се врши преку компјутерски тест, по пат на заокружување на веќе понудени одговори, во однапред уредена компјутерска програма, колку и да е таа совршена, потсетуваат од Министерството за култура.