По четиригодишна пауза и неколку европски и балкански турнеи, македонскиот бенд „Фанк шуи“ најави самостоен концерт во Скопје.
Концертот е најавен за на 31 март, во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ), а концертот истовремено претставува и промоција на најновиот, трет албум на „Фанк шуи“ – „Никогаш пак“. Концерот ќе започне во 20 часот.
Од бендот информираат дека „Никогаш пак“ ќе биде глобално објавен на 31 март, а се состои од 11 песни, меѓу кои и “Метеори”, “Ветер”, “Не Време” и “Крик”.
„Спремаме свеж концертен лик на Фанк Шуи во траење од најмалку час и половина во кој, покрај селекција од минати изданија, возбудени сме и за прв пат во целост да го отсвириме новиот албум. По речиси 4 години низ невремиња, излегуваме со нешто ново – подготвено исклучително внимателно и со многу љубов”, истакнаа од бендот.
Од „Фанк шуи“ велат дека наскоро ќе ги објават и концертните гости.
Од денес, 7 март, билетите за концертот се пуштени во продажба, онлајн, како и на билетарницата на МКЦ.