Израелскиот претседател ја повика Владата да ги повлече контроверзните реформи во правосудството еден ден откако премиерот Бенџамин Нетанјаху даде отказ на министерот за одбрана кој се противеше на оваа реформа, што предизвика нов бран улични протести.
„Во име на заедништвото на народот на Израел, во име на одговорноста, повикувам да се прекине овој законодавен процес веднаш“, напиша претседателот Исак Херцог на Твитер.
Ова предупредување од шефот на државата следи по драматичната ноќ на протести во која десетици илјадници Израелци излегоа на улиците откако Нетанјаху му врачи отказ на министерот за одбрана Јоав Галант. Галант претходно побара премиерот да ги повлече предложените реформи кои ја поделија земјата, предизвикаа протести и незадоволство во израелската армија.
На протестите беше блокиран главниот автопат во Тел Авив кој беше преполн со луѓе кои носеа сино-бели знамиња на Израел и запалија голем оган во средината на патот.
Протести се одржаа и во Хаифа, Ерусалим и Бершева. Во главниот град илјадници луѓе се собраа пред приватната резиденција на Нетанјаху. Полицијата се судри со демонстрантите и прскаше кон луѓето со воден топ. Групата потоа продолжи да протестира пред Кнесетот, израелскиот парламент.
„Видовме многу тешки слики вечерва. Се обраќам до премиерот и до членовите на Парламентот… Очите на сите луѓе во Израел се вперени во вас. Очите на целиот Еврејски народ се вперени во вас. Очите на целиот свет се вперени во вас. Вразумете се, ова не е политички момент, ова е момент за лидерство и одговорност“, напиша претседателот Херцог.
Сепак потегот на Нетанјаху покажува дека тој и понатаму планира да ги истурка реформите во правосудството, кои исто така ги разлутија и бизнисмените во земјата и предизвикаа загриженост кај сојузниците.
Расправа во парламентот по оваа реформа е закажана оваа недела. Станува збор за закон со кој владината коалиција би имала овластувања да ги именува судиите. Истовремено се бара носење на закони со кои на Парламентот ќе му биде дадено моќ да ги надгласува одлуките на Врховниот суд и да го ограничи судското оценување на законите.
Според Нетанјаху и неговите приврзаници планот е да се врати рамнотежата меѓу судската и извршната власт бидејќи според нив имало многу мешање на Врховниот суд. Критичарите, пак, сметаат дека ваквите закони ќе ги сруши демократските контролни механизми и дека ќе ја концентрира моќта во рацете на владината коалиција.