Затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, кој веќе отслужува деветгодишна затворска казна за обвиненијата за проневера за кои тој и неговите сојузници велат дека се политички мотивирани, е осуден на 19 години во најтешкиот руски затворски режим откако беше обвинет за екстремизам поврзан со работата со неговата Фондација за борба против корупција.
Судот што беше формиран во затворот во кој се наоѓа Навални, на 250 километри источно од Москва, го осуди според шест члена од Кривичниот законик, вклучувајќи и создавање и финансирање екстремистичко општество, повикување на екстремизам, рехабилитација на нацизам и инволвирање малолетници во опасни дела.
Обвинителството кое бараше затворска казна од 20 години побара од судот да му нареди на Навални да отслужи било каква нова затворска казна во локација со „строг режим“, термин кој реферира на затвор со највисоко ниво на безбедност и најостри рестрикции за затворениците. Барањето за казна со „строг режим“ за Навални дојде иако според рускиот закон таа е наменета за затвореници до доживотна казна или рецидивисти.
Навални за казната реагираше на неговиот Фејсбук профил каде напиша дека бројот на години што ги доби а отслужување не е важен.
„Совршено ми е јасно дека како и многу други политички затвореници и јас се соочувам со доживотна казна. Таму каде што животот се мери со рокот на мојот живот или рокот на животот на овој режим“, напиша тој на Фејсбук.
Набрзо по тоа дојдоа и реакции од Европската Унија и од САД кои остро ја критикуваа пресудата како лажна и неправедна.
„Последната пресуда во уште еден лажен процес против Алексеј Навални е неприфатлива. Оваа произволна осуда е одговор на неговата храброст да го критикува режимот на Кремљ“, напиша претседателот на Европски совет, Шарл Мишел, во објава на социјалните мрежи.
САД ја осудија одлуката преку соопштението на потпаролот на Стејт Департпемнтот, Метју Милер кој рече дека обвиненијата против Навални биле неосновни.
„Ова е неправеден заклучок од неправедно судење. Со години Кремљ се обидува да го замолчи Навални и да спречи неговите повици за транспарентност и одговорност да стигнат до рускиот народ“, изјави Милер.
Навални беше уапсен по неговото враќање во Русија во јануари 2021 година, откако се лекуваше во Германија по сомнежот за труење од Кремљ. Руската влада пак негираше вмешаност во труењето. Руските власти подоцна го осудија на две и пол години затвор за, како што рекоа, прекршување на условното ослободување додека се опоравувал во Германија.
Во март 2022 година, Навални потоа беше осуден на девет години строга затворска казна, откако рускиот суд го прогласи за виновен за измама од големи размери и непочитување на судот.