По одбивањето од Факултетското собрание, Деканатот на Филозофски одобри предавања за ЛГБТИ инклузија

По жалбата до Деканатот на Филозофскиот факултет, студентите ќе добијат поголеми простории за студентски предавања за ЛГБТИ инклузија. Ваквите најави доаѓаат откако неодамна формираното Факултетското собрание на Филозофски, со 19 гласови „против“, и 4 гласа „за“, претходно го одби ова барање на „Иницијативата за студентска ЛГБТ инклузија“.

Како што информираше Мартина Лозановска, која е член на факултетското собрание и предлагач на иницијативата, задоволна е од одлуката на Факултетот, но не и од реакцијата на колегите.

„Искрено, очекував дека ќе има отпор, но не дека ќе биде во таков број. Нас ни беше важна нивната поддршка бидејќи ова е иницијатива од студентите за студентите. Затоа и ние прво пристапивме кон студентското собрание“, вели таа за подкастот „Мегафон“ на Радио МОФ.

По жалбата во деканот, Управата на факултетот, вели студенката, го прифатила нејзиното барање. Целата случка, вели Лозановска, дополнително ја убедило дека предавањата за ЛГБТ инклузија е неопходно да ги посетат и нејзините колеги од собранието.

„Личното мислење или ставови не треба да влијаат на одлуките, сепак сите сме претставници и на други студенти. Значи, мене нешто ако лично не ми се доапаѓа, а е во корист на останатите колеги, моја обврска е да го поддржам тоа“, додава Лозановска.

Предавањата, додава, планираат да ги организираат еднаш месечно, а ќе може да ги следат сите студенти.

Факултетското студентско собрание на Филозофски беше формирано пред неколку недели, откако по пауза од неколку години, конечно беа спроведени студентски избори на УКИМ.  Филозофскиот факултет во Скопје е местото каде, покрај останатите професии, се едуцираат идните психолози, дефектолози, социјални работници, но се изучуваат и родовите студии.

Ј.Ј.