Од Издавачката куќа „Темплум“ информираат дека по осумнаесетти пат се распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик.
За наградата, посочуваат издавачите, може да конкурираат исклучиво дебитанти, кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.
„Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, вклучувајќи ги и специфичните жанровски експериментални форми. Ракописите, треба да бидат напишани на кирилица, во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат и не смее да бидат подолги од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, и покуси од 48 страници, т.е. околу 90.000 компјутерски знаци“, велат од „Темплум“.
Рокот за испраќање на ракописите е до 3 декември 2023 година, на konkurs.novite@gmail.com. За сите дополнителни прашања може да се обратите на истата адреса. Наградата изнесува 1000 евра (бруто) и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“ ќе се додели кон крајот на месец декември 2023 година.
„Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски“, посочуваат од „Темплум“.
Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова (Будимка Поповска), Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Ѕвездан Георгиевски, Гето Руди (Дејан Василевски), Андреј Ал-Асади, Ирена Јурчева, Игор Лозаноски, Марија Ангеловска и Дејан Гаџовски.