Северна Македонија напредуваше се најде на 38-то место во светот од 180 држави вкупно според последниот Индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници. Ова претставува скок од 19 места во споредба со лани, и напредок од дури 52 места во споредба со резултатот од пред две години.
Според новиот индекс С. Македонија е пласирана највисоко во окружувањето. Зад земјава се Црна Гора (39 место), Хрватска (42), Словенија (50), Косово (56), Босна и Херцеговина (64), Бугарија (71), Србија (91), Албанија (96) и Грција (107).
„Иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, широко распространетите дезинформации и недостаток на професионализам придонесуваат за намалувањето на општествената доверба во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Дополнително, владините функционери знаат да имаат лош и омаловажувачки однос кон новинарите“, стои во образложението за С. Македонија.
Иако од 2018 година драстично се промени методологијата според која Репортери без граници ја оценува слободата на медиумите во земјите од светот, овој резултат на С. Македонија е најдобар во последниве 15 години. Последен пат земјава беше олку високо пласирана во 2009 година, кога беше на 34 место во светот. Оттогаш па до 2021 година забележуваше значителен пад и се наоѓаше во групата на држави со лоша или незадоволителна состојба според слободата на медиумите.
Поединечно, по категории, С. Македонија најдобро стои според индикаторот „законодавство“, каде се наоѓа на 10-место во светот. Потоа следуваат политичкиот (36-то место во светот), социјалниот (50) и економскиот (53). Земјава најлошо стои според безбедносниот индикатор, според кој е пласирана на 64-тото место во светот.
„Новинарите редовно се мета на вербални напади. Под изговор на заштита на државни тајни и лични податоци, тие може да бидат изложени на правни притисоци и агресивен прогон (одлуки за рестрикција на јавно објавување информации и стратешки тужби против јавно учество). Сепак, судовите знаат да застанат во одбрана на слободите и да ги заштитат новинарите. Во главниот град, беше назначен специјален обвинител кој треба да ги процесира случаите на напади врз новинари, а се размислува за отворање на слични оддели низ земјата“, стои во извештајот на Репортери без граници за земјава.
Оваа година според Индексот на врвот повторно се најде Норвешка, додека во првите пет држави според слободата на медиумите се и Ирска, Данска, Шведска и Финска.
На дното на овогодишниот Индекс е Северна Кореја, која е на 180-то место. На последните пет позиции се уште и Кина, Виетнам, Иран и Туркменистан.
Новото 21 издание на извештајот на Репортери без граници потенцира дека на глобално ниво новинарството е загрозено од индустријата на лажни содржини.
Даниел Евросимоски