Во рамки на одбележување на Светскиот ден на бегалцитe – 20ти јуни, УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци во соработка со Младински Образовен Форум (МОФ) и Вондерленд театар од Скопје на 17 и 18 јуни, организираат изведба на претставата „Види, летам!“ во Охрид и Гостивар.
„‘Види, летам!’ е претстава која е правена по вистински приказни на лица бегалци, баратели на азил и лица без државјанство. Овие луѓе на посебни работилници водени од тимот на претставата, храбро ги споделија своите животни искуства со актерите, авторот и режисерот. Претставата се обидува да ја поттикне емпатијата со бегалците и лицата без државјанство. Со доближување на овие важни човечки приказни, продукцијата има за цел да поттикне подлабоко разбирање и поврзување во нашата заедница“, велат организаторите.
Во Охрид претставата се игра вечерва (17 јуни) на малата сцена на Народниот театар со почеток во 20 часот, а во Гостивар – утре (18 јуни) на сцената во Центарот на култура со почеток од 20 часот. Влезот за двете изведби е слободен.
Автор на претставата е Ана Трпеноска, режисер е Ивана Ангеловска а уметнички координатор е Нела Витошевиќ. Улогите ги толкуваат Сара Спиркоска, Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова и Леонардо Лазов.