Предлагачите на измените на Законот за културно наследство го повлекоа предлогот кој беше дел од пакетот законски измени кои Собранието ќе ги разгледува по скратена постапка со цел да се олеснат процедурите на компанијата „Бехтел и Енка“ која треба да ги гради автопатите од коридорите 8 и 10д.
Откако неколку пратеници од говорницата негодуваа за начинот на кој се носат овие законски измени, претседателот Талат Џафери соопшти дека предлагачите ги повлекуваат предложените измени на Законот за заштита на културното наследство.
Пред почетокот на седницата на протест пред Собранието археолозите предупредија дека со предвидените измени на Законот за заштита на културното наследство ќе се овозможи „легално уништување на културното наследство“.
Она што беше контроверзно во предложените законски измени е што се предвидуваше дека доколку при градење на овие автопати биде пронајден предмет од археолошко значење, изведувачот за тоа ќе треба да го извести само надзорниот инженер, а не како досега, откритието да биде пријавено до надлежната јавна установа за заштита, или до полицијата.
Од ИКОМОС Македонија соопштија дека со ваквите измени се овозможува исклучување на стручните и надлежни институции за заштита на културното наследство и дека на тој начин културното наследство би било изложено на директна опасност од уништување и негово трајно губење.
На денешната седница Собранието изгласа останатите предложени законски измени од овој пакет поврзан со изградбата на автопатите да се носат по скратена постапка.