По денешниот протест на семејствата на жртвите од Кочани, а еден и пол месец по трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“ во која загинаа 62 лица, Обвинителството упати отворен повик до сите кои имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.
„Обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во дискотеката ‘Пулс’ продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена“, пишува во соопштението.
Во истрагата, велат од Обвинителството, се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области.
„Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата“, информираат оттаму.
Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: istragakochani@jorm.mk.
„Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим“, додаваат од Јавното обвинителство.