Здружението за помош на политички затвореници соопшти дека од 1 февруари кога се случи воениот пуч во Мјанмар, се убиени најмалку 557 лица.
„Вистинскиот број на жртви е веројатно многу поголем. Ние ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата“, се вели во соопштението на меѓународната невладина организација со седиште во Тајланд.
Во соопштението се наведува дека меѓу убиените има деца, млади лица и наставници.
Воената хунта досега уапсила најмалку 2.658 лица, а десетици уапсени се веќе осудени за противење на пучот.
Армијата на Мјанмар на 1 февруари годинава изврши пуч и ја презеде власта во земјата, под изговор дека изборите кои се случија во ноември минатата година биле нерегуларни. Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси владините лидери, вклучувајќи ја и поранешната премиерка Аунг Сан Су Чи.
Масовните протести поради воениот удар почнаа на 6 февруари, а воената хунта одговори со репресивни интервенции.