Претседателот на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Христо Петрески информираше дека поднел неотповиклива оставка од функцијата.
Во соопштението, тој вели дека одлуката ја донел поради здравствени причини.
„Најпрвин им благодарам на сите оние колеги – писатели кои со своите гласови ме избраа за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Верувам дека во претходниот период на раководење со Друштвото на писателите на Македонија постигнавме доста, но има уште многу што треба да се сработи. Но, од здравствени причини сега јавно Ве известувам дека давам неотповиклива оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија и му посакувам многу среќа, здравје и успех на тој што ќе продолжи да го води Друштвото на писателите на Македонија кон обединување, континуитет и нови иницијативи и резултати“, стои во неговиот допис до медиумите.
Оставката на Петрески доаѓа неколку дена откако осум членови на Претседателството на ДПМ поднесоа оставка од функцијата. Дел од нив во образложението наведоа дека одлуката ја носат поради непочитување на статутот на ДПМ и манипулирање со одлуките на Претседателството од страна на претседателот на Друштвото.
Од ДПМ вчера во соопштение до јавноста се бранеа дека целокупното работење на Претседателството било водено според статутот на Друштвото и оттаму порачаа дека „ДПМ нема да биде заложник на лични пресметки“.
Дел од членовите на ДПМ јавно побараа вонредни избори со кои би се надминале проблемите.
„ДПМ во моментов е приватна фирма, трговец-поединец која без грам совесност и самокритичност ја игнорира неопходноста од темелни промени и реконструкција. Вонредни избори за спас на достоинствотото на Друштвото!“, напиша писателката и член на ДПМ, Фросина Пармаковска на Фејсбук.
Сличен став на социјалните мрежи сподели и писателот Петар Андоновски, кој вели дека мора да се чуе гласот на македонските писатели.
„Друштвото на писателите на Македонија е киднапирано! ДПМ нема Претседателство откако осум од девет члена на Претседателството поднесоа неотповикливи оставки. Тоа што некој манипулира и објавува ,,соопштение” од име на „претседателството на ДПМ” е уште еден конкретен доказ дека се случува последна фаза од обидот за приватизација на Друштвото формирано од Конески, Шопов, Јаневски, Митрев, Иљоски… Ова не смееме да го дозволиме! Мора да се чуе гласот на македонскиот писател“, напиша Андоновски.
Петрески беше избран за претседател на ДПМ во мај 2022 година со мандат од четири години. На изборите доби 56 гласови, осум повеќе од неговиот противкандидат Живко Грозданоски.