Преку Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ) по близу 15 години се отвораат нови лекторати по македонски јазик на странски универзитети.
„Со засиленото присуство на УКИМ преку лекторатите кои образуваат идни странски познавачи и проучувачи на мекедонскиот јазик, литература и култура, не само што се постигна стабилизирање на состојбите со интересот и рзвојот на македонистиката на странските универзитети, туку на дел од нив наставата значајно е унапредена и зголемени се можностите за изучување на македонскиот јазик од странските студенти“, велат од УКИМ.
Од Универзитетот велат дека зголеменото темпо во работата на МСМЈЛК при УКИМ, како и другите здружени активност придонеле со постојан интерес за македонистикат на над дванаесет универзитетски центри во светот.
„Кон нив, од втората половина на минатата година се приклучуваат уште два универзитета на кои ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура каде допрва ќе работиме на развивање на студиите и интересот за македонистиката“, дополнуваат од УКИМ.
Од УКИМ посочуваат дека по отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека во 2008 година, кој бил првиот отворен во периодот од 1991 година наваму се отворила Катедрата и Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за јазици, историја и географија на престижниот Анкарски универзитет.
„Во текот на минатата 2022 година од страна на УКИМ се остварија и сите потребни чекори и од ноември веќе го имаме и првиот лектор што ќе го испратиме во Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Пекинг. Овој чекор следеше по комуникација со Министерството за надворешни работи од кое кон крајот на 2021 година беше упатен повик за отворање Лекторат по македонски јазик, литература и култура на овој реномиран универзитет за изучување странски јазици, што придонесе за побрзо остварување на нашите заложби за првпат да се отвори наш Лекторат во НР Кина“, дополнуваат од Кина.
Од Универзитетот најавуваат дека во тековната 2023 година ќе се работи и на повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик, литература и култура на Универзитетот во Тирана, Албанија.