Од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), известуваат дека локалните власти во Општина Прилеп добиле наредба за овозможување пристап до чиста вода во ромските населби „Дебарца“ и “Три багреми“ во Прилеп, по поднесена петиција од страна на Центарот, како и одлука од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за направена директна дискриминација.
Оттаму нагласуваат дека наредбата до властите, доаѓа откако на 23 август годинава, КСЗД објавила одлука со која се утврдува дека Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација – Прилеп сториле директна дискриминација врз Ромите од градот преку необезбедување еднаков пристап до вода. Според одлуката објавена од Комисијата, утврдена е директна дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, етничка припадност, социјално потекло и имотна состојба во областа на пристап до добра и услуги.
Од ЕЦПР истакнуваат дека претходно, била поднесена претставка, односно петиција во име на ромските жители од овие населби, како и дека за овој проблем Центарот поднел тужба пред Основниот суд во Прилеп.
Оттаму додаваат дека локалните власти во Прилеп имаат рок од шест месеци да ја спроведат наредбата.
„Не е случајно тоа што Ромите остануваат неповрзани на јавната водоводна мрежа, често и со децении. Институционалниот расизам значи дека овие заедници биле запоставени и им била негирана основна инфраструктура од страна на јавните власти. Водата е од суштинско значење, а без неа овие Роми не можат целосно да го уживаат еднаквиот пристап до образование, добро здравје и хигиена, до вработување, како и сите други области од животот кои се засегнати со недостигот на чиста вода во домот“, истакнува Ѓорѓе Јовановиќ, претседател на ЕЦПР.
Од Центарот забележуват дека ромските заедници во населбите „Дебарца“ и „Три багреми“ и покрај тоа што живеат во овие населби со години, никогаш не биле поврзани со главниот водовод.
„Дел од причината е тоа што многу домови во овие населби никогаш не биле легализирани од страна на општината. Одлуката на Комисијата го споменува овој проблем и вели дека доколку постојат правни пречки во однос на легализацијата на домовите во населбата, тогаш властите мора да обезбедат времено решение што ќе обезбеди чиста вода за сите ромски семејства кои живеат во таа област“, велат од ЕЦПР.