Министерството за култура на барање на библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово формирало Комисија за да ги провери условите во просториите на Факултетот за музичка уметност во кои според Одлука на Владата треба да се пресели библиотеката, а постојните да ги отстапи на Делегацијата на ЕУ. По проверката е утврдено дека просториите не ги исполнуваат потребните услови за работа на библиотека, а согласно тоа Министерството ветило дополнителен простор, вели директорката на библиотеката Резарта Дервиши за Радио МОФ.
„Ни рекоа дека ќе ни доделат дополнителни од 60 до 100 квадрати, плус тоалет, затоа што тука нема тоалет за вработените. И тие од државниот универзитет што ни се дадени, и тие треба да се реновираат и адаптираат за потребите на библиотеката“, посочува директорката.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска на денешната прес-конференција потврди дека библиотеката ќе добие плус простор и дека назначените простории во кои треба да се пресели ќе се реновираат.
„По разните премерки дојдовме до заклучок дека она што треба да го направи е библиотеката во Тетово од постојните простории сега само да се помести во следната врата каде што ќе добие 80 односно до 100 метри квадратни плус во простор за цел нивен книжевен фонд. Простор којшто ние, бидејќи тие треба да го користат, ќе го реновираме, простор којшто ќе се осовремени, повторно ќе кажам се до нивно влегување до нивните нови простории во новиот објект по најсовремени стандарди“, рече министерката.
Таа уште еднаш нагласи дека со оваа одлука библиотеката ќе се пресели во подобри услови од сегашните каде како што рече, административниот дел е одделен само со една завеса.
„Дали тоа ќе значи поинаков распоред на библиотечните добра, тоа допрва треба комисија од Министерството за култура и комисија од вработени во библиотеката“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа апелираше националните установи и вработените во културата да престанат да се искористуваат за партиски и политички цели и да престанат тензиите околу тоа каде ќе се префрли тетовската библиотека.
„Јас се разбира дека нема да дозволам ниту една национална установа да биде оштетена, нема да дозволам со ниту една национална установа да се раководи несовесно. Бидејќи директорката не беше достапна за разговор, она што од нејзината страна беше административно средено, бидејќи таа беше на боледување подолго време, беше право на потписничка која немаше право да носи никаква одлука во нејзино име и кога ќе се обидевме да стапиме во контакт со директорката не добивавме никаков повратен одговор, ниту позитивен, ниту негативен“, рече министерката уште еднаш нагласувајќи дека библиотеката во 2027 година ќе се смести во децениски ветуваниот објект со најмодерни услови.
Директорката Дервиши потврди дека од Министерството по увидот побарале од библиотеката да достави спецификација за реновирање и адаптирање на новите простории.
„Сега треба да ја пратиме спецификацијата што сме ја припремиле, денес-утре ќе пратиме до Министерство и после тоа ќе чекаме одговор од нив дали нашле дополнителни простории и дали ќе ги исполнат и овие реновирања, адаптирања што ги побаравме од нив“, вели Дервиши и истакнува дека тие не се против селење ако тоа е во подобри услови од сегашните или барем, како што вели соодветни за една библиотека.
Инаку, денес поминува рокот наведен во Одлуката на Владата во која се посочува дека библиотеката има 15 дена да се пресели во новододелените простории.
Минатата недела од библиотеката се пожалија на одлуката за префрлање во просториите на Факултетот велејќи дека се мали и несоодветни за организирање библиотека.
„Таму и основните работи не се обезбедени. Ние не сме против некоја одлука од Министерството или Владата за преселување, меѓутоа тоа треба да бидат подобри услови. Значи ние ги сакаме најосновните услови, немаме читална, немаме мултимедијална просторија, немаме посебна просторија за секакви активности, ние сме принудени за секоја активност, за секој проект да го реализираме на туѓо место. Ние ги бараме најосновните работи, меѓутоа сега за сега може да се истакне дека и ова е подобро од новото што ни го нудат. Сиве овие 20 години ние бараме подобри услови, а ни се дава нешто полошо“, кажаа оттаму.
На наше прашање за ситуацијата со библиотеката одговорија и од Делегацијата на ЕУ кои во моменталните простории на тетовската библиотека треба да организираат Европска куќа.
Оттаму рекоа дека се обврзале да помогнат при преселбата за да се осигураат дека ќе е непречена и дека библиотеката ќе може веднаш да продолжи со својата служба кон граѓаните.
Тетовската библиотека одбива да се пресели во полоши услови, а ако ги принудат најавуваат протест
Ангела Бошкоска