Од „Авалон продукција“ вчеравечер информираа дека по втор пат се откажува концертот на британскиот рок бенд „Пласибо“, поради зараза од Ковид-19 во бендот и пошироката екипа.
Концертот беше закажан за на 16 јули, сабота, на Стадионот на АРМ. Истовремено е откажан и нивниот концерт во Букурешт.
Од Авалон истакнуваат дека жалат за откажувањето и дополнуваат дека се работи за состојба која е вон нивна контрола.
„Изминативе две недели сме сведоци дека ова се случува насекаде, дека и милионски концерти се откажуваат не само еден или два дена пред концерт, туку и на ден на концерт. Едноставно во моментов cветов e таков каков што е и остануваат две работи: надеж и борба како сите ние би ги излечиле траумите од двеипол годишниот застој од нормалниот живот и полека сите би се вратиле во него“, нагласија оттаму.
Информација за откажување на концертот споделија и од бендот.
„Поради ширење на коронавирусот во бендот и нашата екипа, со жалење Ве известуваме дека нема да можеме да настапиме во Букурешт и Скопје. Фрустрирани сме и разочарани што не можеме да настапиме на овие концерти кои се подеднакво важни и за вас и за нас. Искрено се извинуваме за разочарувањето. Правиме сѐ што можеме за да ги презакажеме настапите“, напишаа од „Пласибо“.
Од „Авалон“ дополнуваат дека во процес е закажување на нов датум за концертот на „Пласибо“, а од 17 јули, понеделник, ќе се врши рефундација на оние лица кои не сакаат да го чекаат новиот датум.
„Пласибо“ првично требаше да настапат во Скопје на 25 јуни во 2020 година, но концертот беше откажан поради пандемијата.