Ексдиректорката на Македонската филхармонија, Тина Иванова, преку писмо до јавноста информираше дека ја добила на суд ексминистерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Иванова оваа одлука ја карактеризира како „Victoria Iustitiae“, или во превод „Победа на правдата“.
Според писмото, Управниот суд на 22 јануари ја уважил нејзината тужба и го поништил Решението бр.44-8408/1 од 12.09.2023 година. Судот го задолжил Министерството во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата да донесе нов управен акт.
Како што е наведено во Пресудата на Управниот суд што Иванова ја испрати до медиумите, „Судот ја усвои жалбата на Тина Иванова, поранешна директорка на Македонската филхармонија, која поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, како што пресуди судот, неправилно и неправедно ја разреши, поради наводни неправилности во нејзината работа. Министерката Костадиновска Стојчевска ја клеветеше Тина Иванова и јавно на прес-конференција, по што, Иванова од неа побара јавно да ѝ се извини или ќе мора сатисфакцијата за, како што тогаш посочи Иванова, навредите и клеветите да ги бара на суд, што Тина Иванова и го стори. По сите истражувања, не се пронајдени никакви неправилности во нејзиното работење на позицијата Директор на Македонската Филхармонија“.
Од судот за Радио МОФ потврдија дека има ваква пресуда.
Тина Иванова по овој повод вели:
„Тогашната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, злоупотребувајќи ја позицијата и моќта, којашто, за жал, толку често во историјата ги завела и измамила луѓето, искривувајќи им ја сликата за реалноста, без никаква основа, повторувам, без ниту една основа и пронајдена недоследност или неправилност во работењето, нешто, коешто сега веќе и институционално се докажа, но, она што има поголема тежина за мене, е тоа што и без трошка емпатија и човечност, се обиде да го осквернави моето достоинството и да стави дамка на моето име и презиме и на целото мое семејство. Со тој потег, потпирајќи се на позицијата, таа го впери прстот на јавноста кон мене. Но, и покрај тоа, оние коишто ме познаваа, сите мои сакани, сите мои искрени пријатели, сите луѓе коишто веруваа во мене, знаеја и тогаш дека е во прашање една голема небулоза и тенденциозна манипулација. Денес стојам пред сите нив и чесно и гордо им соопштувам дека мојата чесност и достоинственост денес и официјално победија. Јавно им се заблагодарувам за укажаната доверба и поддршка. Оваа победа ви ја посветувам вам!“, се вели во писмото на Иванова.
Инаку, поранашната директорка на Филхармонија уште во 2023 година реагираше дека е разрешена бидејќи застанала на страната на колективот и на институцијата. Исто така, тврдеше таа, постојано и’ биле праќани трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерство за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерството за култура, кои станале редовни посетители во нивната институција. Како што кажа, се’ праќале дури и по неколку пати за да „копаат“ работи кои не постојат, туку единствено затоа што се немало храброст да се каже дека ја разрешуваат поради непослушност.
Министерството за култура пак, соопшти дека министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донела одлука за разрешување на Иванова откако бил извршен увид од Комисија од министерството и биле констатирани бројни законски повреди и неусогласености во работењето со институцијата. Според тогашните изјави од министерството, од документацијата и направените записници се заклучило дека директорката Иванова постапувала несоодветно, неекономично и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија.
Од Синдикатот на Филхармонија тогаш застанаа зад Иванова. Тврдеа дека одлуката за министерството се должи на тоа што директорката и членовите на Управниот одмор застанале на нивна страна против, како што рекоа, штетната и нетранспарентна одлука за вдомување на џез оркестарот во просториите на нивната институција.
Синдикат на Филхармонија: Иванова и Управен одбор беа разрешени затоа што застанаа зад вработените
Бојан Шашевски