По разгледувањето на игрите и алтернативните контролери на Alt Ctrl Game Jam, прогласени се и победниците на овој интернационален настан, започнат од македонски ентузијасти,пишува it.com.mk.
Настанот имаше за цел да ги мотивира развивачите на игри да размислуваат „outside of the box“, и да бидат креативни во креирање на алтернативни контролери. Ако се суди по победниците, целта на натпреварот беше остварена! Alt Ctrl Game Jam е организиран од Кристијан Трајковски, Мартин Пупков, Дајана Димовска и Џон Полсон, а се одржа во Скопје, Копенхаген, Архус, Берлин, Монтреал, Лондон, Мелбурн и Куртиба во период од неколку недели.
„Како за прв ваков настан, задоволен сум од одзивот кој го добивме за настанот, како од учесниците, така и од спонзорите кои не поддржаа. Игрите кои се креирани на настанот се креативни и оригинални и задоволен сум од изборот на победниците“, вели Кристијан Трајковски, еден од организаторите на Alt Ctrl Game Jam.
Победник на натпреварот е играта The Winds of Venus, создадена од Робин Баумгартен, Петрл Аутио, Карлес Салас и Даглас Пенант, која освен наградата за најдобра игра, ја освои и наградата за најдобар алтернативен контролер. The Winds of Venus е игра во која играчите ја истражуваат планетата со помош на мал цепелин. Контролерот е направен од часовник кој наликува на радио кое се користи во старите авиони. Tимот го расклопи извади некои делови, додаде нови и направи уникатен контролер за својата игра.
За најдобра игра е прогласена Galaxy Glitch на македонските развивачи Кристијан Трајковски, Мартин Пупков, Марко Зарев, Димитриј Мијоски и Тоше Николов. Ирачите управуваат со авион во универзум кој наликува на Tron, обидувајќи се да ги соберат фрагментите кои ќе им помогнат да го спасат универзумот.
Погледнете видеа и прочитајте за другите победници на Alt Ctrl Game Jam, на it.com.mk.