Од „Драмски театар“ – Скопје информираа дека на 78 години почина македонскиот театарски, филмски, телевизиски актер и хуморист, Димче Мешковски.
Мешковски е роден е на 31 октомври 1945 година во Скопје . Целиот актерски век го помина во Драмски театар – Скопје, а остана препознатлив по неговите улоги во претставите „Диво месо“, „Солунски патрдии“ и „Хамлет од Долно Гаштани“.
Неговиот лик беше препознатлив и по улогите на телевизиските продукции, како серијалите „Македонски народни приказни“, Солунски патрдии“, „Чук-чук Стојанче“, „Викенд на мртовци“, „Трст виа Скопје“, „Големи и мали“, „Во светот на бајките“…
Тој ќе остане запаметен и по улогите во филмовите „Републиката во пламен“, „Македонски дел од пеколот“, „Колнати сме, Ирина“, „Шеќерна Приказна“, „Диво месо“, „Среќна нова ’49“, „Болва во уво“, „До балчак“, „Трето полувреме“, и „Викенд на мртовци“, но и радио-драмите и хумористичните серии „Хихирику“.
Својот глас го позајмувал и при натсинхронизацијата на цртани филмови како Гаргамел во „Штрумпфови“, а познат е и по улогата на Дедо Мраз во новогодишните претстави за деца.
Добитник е на повеќе награди, како „13-ноември” и „Ристо Шишков”, како и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.
Од „Драмски театар“ известуваат дека комеморацијата ќе се одржи во салонот на Драмски театар на 28 март во 12 часот напладне.