Марко Петрушевски, македонскиот поет, филмаџија, критичар, есеист, радио водител и преведувач, почина на 13 мај, јавува порталот за култура, „Окно“, каде се објавени и неколку извадоци од неговото творештво.
Роден во 1975 година, Петрушевски дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Отсекот за Општа и компаративна книжевност, но и на Факултетот за драмски уметности.
Поетската збирка на Петрушевски, „Еден млад збунет човек“, објавена е од издавачката куќа „Аз-буки“, во 2001 година, а за неа ја добил наградата за дебитантска поетска книга на Струшките вечери на поезијата.
Тој работел на кратките филмови „Понеделник“ и „Телефонска секретарка“, како и на мини-сериите „Втора смена“, „До, ре, ми“ и „Бушава азбука“. Работел во филмското студио „Ед Вуд“, снимајќи видеа и скечеви.
За издавачката куќа „Темплум“, во соработка со писателот Владимир Јанковски ги приредил и превел расказите на Чарлс Буковски, во книгата „Љубов за 17,5 долари“.
Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).
Пишувал филмска критика, главно во месечникот „Форум“, а работел и како водител во радиото „Канал 103“.
Кратко време работел и во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.