На 45 години, по кратко боледување, почина претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Дарко Димовски, соопштија од синдикалната организација.
Од ССМ велат дека колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија.
„Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочуство на неговото семејство. Погребот ќе биде на 12 јуни 2023 година, во 13 часот, а пријателите, соработниците, работниците, граѓаните ќе можат да се простат и да изразат сочуство од 12 часот во капела на градските гробишта Бутел“, стои во соопштението на ССМ.
Димовски беше избран за претседател на ССМ во декември 2017 година, а претходно ја вршеше функцијата претседател на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално- станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Македонија.