Една од тројцата тешко повредени по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад почина вчера во 15 часот во Клиничкиот центар во Војводина, пренесува Н1.
„Во прашање е пациентката со најтешки повреди. Петнаесетта жртва во несреќата што се случи во Нови Сад на 1 ноември. И покрај борбата и напорите на лекарите, дојде до смртен исход“, изјави директорката на Клиничкиот центар Весна Туркулов.
Таа додаде дека повредите од самиот почеток биле опасни по живот и дека лекарите продолжуваат да се борат за животот на другите двајца тешко повредени.
„Во име на сите вработени во КЦВ сакам уште еднаш да изразам најдлабоко сочувство до семејството и благодарност до лекарите кои дадоа се од себе“, подвлече Туркулов.
Настрешницата на железничката станица во Нови Сад се урна на 1 ноември, кога 14 лица загинаа на лице место, а тројца беа тешко повредени.