Утрово на 68-годишна возраст почина Горјан Тозија, филмски продуцент и поранешен директор на Агенцијата за филм.
Тозија како продуцент беше вклучен во повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во својата кариера како: Ослободувањето на Скопје“ (2016), „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988), како и „Пред дождот“ кој доби номинација за Оскар во 1994.
Тозија беше и поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Ја вршеше и функцијата претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), и раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“. Во периодот од 2017 до 2020 година беше директор на Агенцијата за филм на РСМ, период во кој македонскиот филм го доживува најголемиот успех во светски рамки.
„Она што Горјан Тозија го остави како наследство е тоа што македонската кинематографија успеа да се избори да биде прифатена рамо до рамо со сите европски кинематографии. Се бореше за филмскиот работник и за македонскиот филм како никој до сега”, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.