Руската затворска управа соопшти дека почина Алексеј Навални, истакнат опозиционер и критичар на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Н1. Навални почина во поправната колонија 3 во автономниот округ Јамало-ненец на 48-годишна возраст, објави регионалниот оддел на Федералната казнено-поправна служба.
„На 16 февруари годинава, во поправната колонија 3, осуденикот Навални А.А. по прошетката се чувствувал лошо и речиси веднаш изгубил свест. Веднаш пристигнале медицински работници од установата и повикана е екипа на Итна медицинска помош“, се вели во соопштението.
„Направени се сите неопходни реанимации, но не дадоа позитивни резултати. Лекарите од итната помош констатирале смрт на осуденикот. Причините за смртта се утврдуваат“, се додава во соопштението.
Навални беше уапсен во 2021 година по враќањето од Германија, каде што се лекуваше од труење, како што заклучија европските лаборатории, со советскиот нервен агенс Новичок.
Во март 2022 година, Навални доби деветгодишна затворска казна под обвинение за непочитување и проневера, наводи кои тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаа како политички мотивирани обвиненија.
Фондацијата на Навални за борба против корупција и неговата мрежа на регионални канцеларии беа означени како „екстремистички“ организации и беа забранети по неговото апсење, што доведе до уште едно судење против него под обвинение за екстремизам.
Во август минатата година, судот му ја продолжи затворската казна на Навални на 19 години и го испрати во построга установа со „посебен режим“ од затворот со максимална безбедност каде што беше задржан. Во декември Навални беше префрлен во таков затвор во руската арктичка област.