Робин Вилијамс, брилијантниот холивудски актер и освојувач на Оскар, кој својата енергија и’ ја пренесуваше на публиката преку комични ликови, е пронајден мртов. Најверојатно 63-годишниот актер си го одзел животот.
Вилијамс беше прогласен за мртов во неговиот дом во Сан Франциско. Според полициски извори, најверојатно се работи за самоубиство настанато од задушување. Полицијата соопшти дека Вилијамс бил виден последен пат во неделата. Вчера околу пладне по американско време од неговиот дом била повикана итната служба. Информацијата за смртта на актерот ја објави неговата сопруга, пишува Дојче веле.
„Денеска го загубив сопругот и мој најдобар пријател, додека светот загуби еден од најомилените актери и прекрасно човечко суштество. Јас сум крајно скршена“, рече сопругата на Вилијамс, Сузан Шнајдер. Таа побара да се почитува приватноста на семејството во моментите на тага. Шнајдер побара „фокусот да не биде на смртта на Робин, туку на безбројните моменти на среќа и смеење што тој им ги даде на милиони“ луѓе.
Мара Буксбаум, лицето кое се грижеше за контактот на Вилијамс со медиумите, соопшти дека актерот од неодамна страдал од депресија. Минатиот месец тој објави дека се враќа на „третманот од 12 чекори“, кој што му бил потребен по 18-месечната непрекината работа. Таков третман актерот направи и во 2006 година.
Светот во шок
Робин Вилијамс беше авијатичар, доктор, гениј, дадилка, претседател, професор, Петар Пан, и се’ останато. Но, тој беше уникатен. Тој дојде во нашите животи како странец, а заврши допирајќи го секој елемент од човековиот дух. Тој не насмеа. Тој не расплача. Тој го даваше својот неизмерен талент слободно и великодушно на оние на кои најмногу им требаше – од нашите трупи стационирани во странство до маргинализираните на нашите улици“, забележа американскиот претседател Барак Обама во изјавата по повод смртта на Вилијамс.
Изјава даде и режисерот Стивен Спилберг, оценувајќи го Вилијамс како гение на комедијата: „Тој беше другар и не можам да поверувам дека замина“.
Шокираност од смртта на Вилијамс изнесе и неговиот колега Стив Мартин, кој го опиша актерот како многу „човечен, огромен талент, добар актерски партнер и вистинска душа“.
Крис Колумбус, режисерот на филмовите „Госпоѓа Даутфаер“ и „Двестогодишник“, во кои играше Вилијамс, рече дека е „загубен еден од најинспиративните умови, како и еден од најодличните актери во неговата генерација“. Тој додаде дека „да се гледа Вилијамс е магична и специјална привилегија“. „Тој буквално беше еден од малкуте луѓе кои ја заслужија титулата гение“, додаде режисерот.
Три номинации за главна, но Оскар за споредна улога
Робин Вилијамс е роден на 21 јули 1951. Тој како актер го позајмуваше својот глас во многу познати цртани филмови, а е познат и како стендап комичар.
Славата ја стекна со улогата на вонземјанецот Морк во телевизиската серија „Морк и Минди“. Неговата филмска кариера ги вклучува добро прочуените филмовите: „Добро утро, Виетнам“, „Друштвото на мртвите поети“, „Будења“, „Кралот на рибарите“ и „Добриот Вил Хантинг“, како и финансиски успешните „Попај“, „Кука“, „Аладин“, „Госпоѓа Даутфаер“, „Џуманџи“, „Кафез“, „Ноќ во музејот“ и „Среќни стапала“.
Иако беше номиниран три пати за Оскар за најдобар глумец, Вилијамс доби оскар за најдобар спореден глумец во „Добриот Вил Хантинг“ во 1997 година. Исто така доби две награди „Еми“, четири „Златни глобуси“ и пет награди „Греми“ .
Имаше три брака зад себе, и три деца со првите две сопруги.
Извор: Дојче Веле